Лазаров: Сабота е ден за кревање трофеј
Ракометниот клуб Алкалоид во сабота со почеток од 19:30 часот го пречекува Хановер во реванш натпревар од плејофот за пласман во Европската лига, мисијата изгледа како невозможна со оглед на тоа што македонскиот тим загуби со десет разлика во Германија, но Лазаров и момците не се предаваат.
Пред почетокот на овој натпревар ракометарите на Алкалоид најпрво ќе го кренат трофејот од минатата сезона, европскиот пехар за Европскиот куп. Ќе се израдуваат на минатогодишниот успех, а потоа ќе ја почнат битката со Хановер.
„Во сабота играме реванш меч против германскиот тим Хановер за кој не треба многу да зборуваме, минатата сезона беше лидер во Бундеслигата осум месеци, а оваа година е дополнително засилен. Мене ми е жал што загубивме со нереални 10 голови разлика и неочекувани за мене. Сабота е убав ден, ќе го подигнеме европскиот пехар кој го освоивме лани. Еден македонски тим, нов тим, базиран на македонски навивачи конечно ќе го подигне пахарот. Малку е чудно со пораз од десет голови разлика да подигаме пехар, но ќе пробаме да се израдуваме колку што можеме пред почетокот на натпреварот, а на теренот ќе се обидеме да бидеме достоен противник и да одиграме квалитетен меч, да дадеме се од себе, да го оставиме срцето на терен, поради нас, поради македонската јавност, поради навивачите, ова не е било каков ден, ова е ден за подигање на пехар“, вели Лазаров.
„Имав многу непреспиени ноќи, но сега веќе сум подобар. Мислам дека заслуживме подобар резултат. Македонската телевизија најави но не го реализираше преносот, па навивачите не можеа да го видат она што го зборувам. Сега се надевам дека ќе одиграме еден квалитетен натпревар против силниот противник“.
„Знам дека треба да грабиме полека напред, но ни се брза. Имаме јасна стратегија, за краток период направивме доста. И јас и луѓето од клубот сме силни карактери и сакаме брзо успех, но треба да имаме трпение. Имам разбирање за промашувањата на играчите. Стигнуваме до шанса, но во тоа брзање да постигнеме гол и да играме модерен ракомет, грешиме. Доколку немавме толку промашувања, доколку погодевме дел од шансите, резултатот ќе биде друг. Од 51 напад, имавме 49 чисти шанси, но резултатот е непопуларен, неубав, но мора да продолжиме понатаму. Да не заборавиме дека од 23 играчи во тимот, имаме 21 Македонец“.
„И покрај резултатот нема да се предадеме во сабота. Што се однесува до домашното првенство, имам голема почит и кон Охрид и кон Вардар и кон Пелистер, Бутел, Тиквеш… сите тие се сериозни екипи, ќе имаме возбудливо првенство. Ќе се обидеме сите заеднички со играчите да го играме нашиот ракомет, европски ракомет, мора да го пратиме трендот, тоа ни помогна да го освоиме овој трофеј“.
„Очекувам Марко Митев да се врати наскоро на терените, за околу месец дена. Никола Костевски некоја недела подоцна“.
Капитенот Ѓоргиев вели дека е недозволиво тим како Алкалоид да има толку многу промашувања како на мечот со Хановер во Германија.
„По дуелот во Германија со Хановер, сега играме дома пред нашата публика. На првиот меч имавме лошо ден пред се во нашата реализација, зборувам за чисти ситуации, контри, пенали, повеќе од 10 чисти ситуации. За една таква екипа е недозволиво, тие веднаш го казнуваат тоа. Но, ние не се откажуваме, ќе дадеме се од себе пред нашата публика, ќе оставиме срце на терен. Ќе го добиеме пахерот кој го освоивме лани, па ја повикувам јавноста во што поголем број да се израдуваме заедно“, вели Ѓоргиев.
Валентин Карасманакис вели дека во сабота ќе биде поинаку отколку на мечот во Германија.
„Игравме со многу тежок ривал од Бундеслига, Хановер. Имавме лош ден, лоша реализација, технички грешки, но во сабота е друг натпревар, ќе дадеме 100 проценти, една добра битка, добра борба и ќе го видиме исходот на крајот. Ја повикувам нашата публика за голема поддршка“, рече Карасманакис.