Куќен притвор за поранешните директори на Онкологија
Поранешните директори на Онколoгија обвинети за злоупотреба на положбата и несовесно лекување одат во домашен притвор. Судот не го прифати предлогот Васев и Нухи да добијат ефективен притвор како што бараше обвинителството.
„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд, постапувајќи по предлог на ОЈО –Скопје, за определување мерки за обезбедување присуство против две лица, доставен до судот заедно со обвинителен акт, по одржана седница, донесе решенија со кои на обвинетите им се определува мерка куќен притвор, а останува во сила и мерката –одземање на патна исправа“, се вели во изветувањето од судот.
Обвинителството побарало притвор зашто смета дека Васев и Нухи може да побегнат. Се соочувале со долгогодишна затворска казна, а предизвикале и голема финансиска штета.
„На обвинетите им се ставаат на товар повеќе кривични дела за кои се запретени високи затворски казни, а последицата од сторените кривични дела опфаќа и нанесување на значителна имотна штета на Буџетот на Република Северна Македонија, што може да влијае врз мотивот на обвинетите да се дадат во бегство“, се вели во предлогот на обивнителството.
Васев и Нухи, заедно со уште тројца онколози од вчера се обвинети во случајот „Онкологија“. Давале несоодветна терапија, а дел од пациентите и воопшто не ја добивале. Со присвојувањето на лекови, го оштетители и државниот буџет за сума од над 35 милиони евра.