КСС со апел до маркетите – Не ги качувајте цените, ќе нема кој да купи
Благ пад на инфлацијата во февруари пресмета статистиката. Изнесува 3% во однос на истиот месец лани, додека индексот на цени на мало бележи пораст од 2,7%. За една година најголемо поскапување, над 20% има кај зеленчукот и над 15 отсто кај овошјето. Лебот, млекото , сирењето, јајцата и мастите се продаваат по пониски цени од ланските.
Зголемување на трошоците за живот има и кај алкохолните пијалоци, тутунот, облеката трошоците за здравје. Од Конфедерацијата на слободни синдикати велат дека поскапувањето не престанало, а падот се должи на високата, двоцифрена инфлација лани во февруари, која изнесуваше 16,7 отсто, но и на замрзнатите цени на основните прехранбени производи. За да не се вивне во март, Ралповски апелира до маркетите да не ги злоупотребуваат законите и да запрат со покачување на цените.
Ова намалување се должи на мерките на Владата за гарантирани цени, но и на светскиот тренд за пад на цените на храната. Иако завршија мерките да упатам еден апел до сите трговци, да не ги злоупотребуваат законите и цените да бидат на ниво на кое можат да ги издржат граѓаните. Во спротивно ќе дојде до колапс и верувајте сите ќе го почуствуваме тоа, изјави Благоја Ралповсски, претседател на КСС.
И Ралповски ги повика институциите да излезат на терен, а не да си ја префрлаат одговорноста кој е надлежен за поскапувањето на храната. На тој начин смета дека маркетите ќе се спречат вештачки да ја билдаат инфлацијата. Во спротивно вели дека иселувањето на младите ќе продолжи, ќе станеме држава на пензионери, па после ќе нема кој да купува, со оглед на ниските пензии.