Кривичниот суд го одoбри и второто обвинение за пожарот во Кочани

Советот за оценка на обвинител акт, постапувајќи по дополнителното обвинение поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, донесе решени со кое во целост го одобри обвинението, соопшти денеска Основниот кривичен суд Скопје.
„Обвинителниот акт беше поднесен на четврти септември од страна на обвинителниот тим кој постапува по истрагата за пожарот, а се однесува против едно лице, А.Н. кој е осомничен за кривичното дело од член 292 став 2 во врска со член 288 став 3 во врска со став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик, а согласно соопштението на јавниот обвинител, истиот се јавува како одговорно лице, реален сопственик на обвинетото правно лице, Друштво за обезбедување на имот и лица Рубикон секјурити солушн увоз-извоз ДООЕЛ Скопје“, информираат од Кривичниот суд.
Станува збор за Александар Нацев кој според обвинението, тој лично дал инструкции да се внесат пиротехнички средства, да се пуштаат малолетници по полноќ, да се работи без поднесен план за обезбедување настан со голем број лица и за други незаконски дејства кои му биле нему како сопственик на објектот, дозволени од власта и од полицијата.
„Од доказите обезбедени во текот на истрагата произлезе дека сега обвинетиот имал главна улога во обвинетото правното лице, фактички раководел со агенцијата и давал директни инструкции на обвинетите кои критичната вечер биле ангажирани како обезбедувачи. Исто така, обезбедени се докази дека по пожарот во Кочани тој презел активности во насока на формирање ново правно лице со седиште во Струмица, чија основна дејност му е исто така физичко обезбедување на имот и лица, а со цел да ја продолжи дејноста повторно затскривајќи се формално-правно во раководењето зад друго одговорно лице“, се наведува во дел од обвинеието.
Нацев е обвинет за тешки дела против општата сигурност.
Од Кривичниот суд за сега не можат да кажат дали ова обвинение ќе биде споено со првото затоа што за да се случи тоа, предлог треба да даде Обвинителството.
По тримесечна истрага, Обвинителството на 13 јуни го поднесе првото обвинение за тешки дела против општата сигурност против 34 физички и три правни лица.
Во катастрофалниот пожар во кочанската дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 63 луѓе, а околу 200 беа повредени.