Кривична пријава против 7 лица од АХВ, меѓу кои и поранешен директор и заменик директор
СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против З.А., поранешен директор на Агенцијата за храна и ветеринарство поради сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“ по член 354 став 1 од КЗ, против Ф.М., поранешен заменик директор во агенцијата поради сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“ по член 354 во врска со член 24 од КЗ „помагање“ и против Л.У., А.Р., Е.Т., А.Б. и А.Б., вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство поради сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“ по член 354 во врска со член 24 од КЗ „помагање“.
З.А. во својство на директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, во периодот од 2017 до 2020 година, во повеќе наврати, со намера противправно да прибави за себе парични средства кои му биле доверени во службата, за службени патувања во странство, примал дневници во висина од 50%, иако согласно Уредба за изменување на Уредбата за издатоците на службени патувања и службени патувања во странство требало да прима само 20%, бидејќи трошоците за сместување и исхрана не паѓале на товар на институцијата. Ф.М. во својство на заменик директор на Агенцијата за храна и ветеринарство со потпишување на решенијата за одобрување на службени патувања во странство му помогнал на З.А. противправно да ги присвои парите. А Л.А., А.Р. и Е.Т. во повеќе наврати, спротивно на Уредбата, ги одобриле решенијата за патување во странство за З.А.. Врз основа на овие решенија, А.Б. и А.Б. одобриле исплаќање на паричните средства, иако знаеле и биле свесни дека решенијата не се донесени согласно уредбата. Со тоа и тие му помогнале на З.А. да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 62.530 денари, а на штета на буџетот на Агенцијата за храна и ветеринарство, соопшти МВР.
Во приодот од 2017 до 2020 директор на АХВ беше Зоран Атанасов.



