МакедонијаНајново

КОРОНА ИМА, НО НИКОЈ НЕ ЈА ЕСАПИ: „Во ноември може да очекуваме зголемен број на пациенти со РСВ, аденовирус, риновирус, ковид, инфлуенца“ 

Во октомври и во ноември, особено под влијание на крајно променливите временски разлики, амбулантите и ординациите на матичните лекари се преполни. Велат дека преовладуваат вирусните инфекции, грип и ковид-19.

Иако на корона вирусот речиси и да заборавивме, таа а присутна и секако може да предизвика сериозни компликации, па дури и смрт. Минатиот месец имаме 11 починати. Станува збор за повозрасни луѓе, со други тешки болести, кај кои ковидот направил дополнителни нарушувања на кревкиот организам. За жал, немаме никаква култура, а најмалку здравствена. Маски не се носат ниту во здравствените установи, ниту во автобусите, ниту во аптеките, онаму за каде што има препораки.

Д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, во разговор за Фактор вели дека бројот на тестирани граѓани за месец септември и октомври е речиси идентичен, а 78% од тестираните граѓани биле негативни на ковид. 

-Вакцинацијата и прележувањето на болеста, односно имунитетот кој го има популацијата е на повисоко ниво од претходните години и доколку ги погледнете наведените бројки, може да кажеме(како што велите вие) дека актуелните соеви немаат толкава моќ, или јас би додал надмоќ над имунитетот како варијантите од 2022, 2021 или 2020 година. Комисијата за заразни болести даде препорака да се вакцинираат сите граѓани кои се во ризична група, односно тоа се граѓаните кои имаат над 65 години, оние со хронични заболувања, имуносупримораните пациенти, бремените жени и здравствените работници. Во моментов според информацијата од Министерството за здравство на располагање имаме 50.000 дози вакцини и истите може да се добијат во Здравствените домови во државата. За жал бројот на аплицирани дози на КОВИД-19 вакцина во текот на месец октомври изнесува вкупно 20, од тоа 10 се прва, по 2 како трета и четврта и 6 како петта доза.Помеѓу починатите 11 лица (кои се токму од ризичните групи со пропратни хронични болести) според информациите што ги добивме ниту еден од нив не бил вакциниран во изминатите 4 месеци, посочува д-р Мехмедовиќ.  

Тој укажува дека пред нас е период на вируси и може да се очекува зголемен број пациенти, и истовремено апелира да се почитуваат мерките препорачани од Комисијата за заразни болести.

-Месец ноември е период  кога навлегуваме во сезоната на вируси. Може да очекуваме инфекции со РСВ, аденовирус, риновирус, САРС Ков2, инфлуенца и останати. Во наредните месеци може да очекуваме и поголема бројка на заразени и хоспитализирани пациенти, но за да не се случи тоа како Комисија за заразни болести препорачавме да се вакцинираат граѓаните со вакцините наменети против ковид и грип. Истотака препорачавме и да се носат маски во здравствените установи, за да се минимизира ризикот од инфекција кај вулнерабилните групи. Ќе продолжиме да ја следиме состојба и согласно податоците кои ги добиваме од надлежните институции ќе носиме одлуки за евентуални нови препораки, вели д-р Мехмедовиќ. 

Инаку, во текот на октомври во Македонија, до ИЈЗ, пристигнати се пријави за вкупно 1.001 заболено лице од акутни заразни заболувања и тоа без КВОИД-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ, со вкупна инциденца од 54,5 на 100.000 жители. Вкупниот број на пријавени лица во месец октомври е за 13,4% поголем во однос на претходниот месец септември. Во однос на месец октомври ланската година се регистрира зголемување на пријавените лица од акутни заразни заболувања за 53,3%. 

Во однос на поделбата на акутните заразни заболувања по групи во октомври, најголем број  припаѓаат на заболувања кои се пренесуваат по капков пат. Од нив, најголем број се пријавите за варичела, односно овчи сипаници. Пријавени се и 42 случаи на салмонелози, 20 случаи на шарлах, односно скарлатина, 15 случаи на инфективна мононуклеоза и по еден случај на голема кашлица и легионерска болест. Во месец октомври, пријавени се 407 случаи на заболени од групата на цревни заболувања, а од нив, најголем број се пријавите за ентероколити.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons