Кварацхелија заминува од Наполи за 80 милиони евра!?
Хвича кварацхелија побарал да си замине од Наполи оваа зима, потврди Антонио Конте на прес-конференција, а се шпекулира дека нов клуб на грузискиот фудбалер ќе биде Пари Сен Жермен.
Грузиецот наводно ќе потпише петгодишен договор со Французите, а сега останува Наполи и ПСЖ да се договорат за трансферот.
Како што најави новинарот Фабрицио Романо, Кварацхелија во ПСЖ ќе има четири или пет пати поголема плата од платата во Наполи, а се очекува трансферот да вреди 80 милиони евра.
Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис го прифати заминувањето на Грузиецот. Конте изјави дека е разочаран од ваквиот развој на настаните, но веќе е сигурно дека Кварацхелија е поранешен играч на Наполи.
Фудбалерот пристигна во Наполи во 2022 година за 11,5 милиони евра од Динамо Батуми, а во првата сезона постигна 14 гола и 17 асистираше, со што беше клучен човек за освојување на титулата во Серија А.
Сепак, минатата и оваа сезона тој не беше на очекуваното ниво, па јасно е дека достигна заситеност, што на крајот најверојатно ќе резултира со негово заминување од Наполи. Оваа сезона на 19 првенствени натпревари постигна пет гола и имаше три асистенции.