Казнените пенали што ги плаќаме кон Кина за Кичево-Охрид достигнаа 94 милиони евра? 

Посебниот долг што го има Јавното претпријатие за државни патишта за плаќање пенали кон Кина поради неизградбата на автопатот Кичево – Охрид достигнал 94 милиони евра на крајот на минатата година.

Ова го покажува белешката за финансискиот извештај за 2023 на ЈП „Државни патишта“, а станува збор за новиот долг кон Министерството за финансии кое во изминатите години ја презема улогата на сервисер на вонредните „казнени“ долгови кон Кина.

Овој долг за прв пат се појавил во 2021 кога изнесувал 54 милиони евра, на крајот на 2022 станал 67,5 милиони, за на крајот од 2023 да биде 5.730.887.863 денари, или околу 94 милиони евра.

Во февруари Државниот завод за ревизија објави дека за отплата на обврските по заемот за изградба на автопатот Кичево – Охрид и на Миладиновци – Штип била активирана државна гаранција бидејќи Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) не било во можност да ги сервисира финансиските обврски, па тие биле подмирени од Министерство за финансии во име на Република Северна Македонија како гарант. 

Од ЈПДП подоцна реагираа дека не станува збор за „казнени пенали“ туку дека тоа е плаќање на долгот со помош на Министерството за финансии, кое се вклучило во таа активност во последните неколку години.

И двата заеми беа склучени меѓу ЈПДП и банка од НР Кина. Вкупните обврски на ЈПДП на крајот на 2022 година кон Министерство за финансии по овој основ биле 4.723.242.000 денари, или околу 76,8 милионони евра, во моментот на направената ревизија. Ова го констатираа Државните ревизори во објавениот конечен извештај за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност за 2022 година на Јавното претпријатие за државни патишта.

Инаку редовниот долг кон кинеската „Ексим Банка“ за  самата изградба на автопатот Кичево – Охрид е прикажан како посебна ставка во извештајот што го објави ЈПДП на крајот на 2023 и изнесувал 450 милиони евра.

Ревизорите наведоа дека во извештаите како основни причини за забавената динамика за изградба на делницата, покрај недостатоците на проектот, се и: задоцнета експропријација поради нерешените имотно правни односи, како и дополнителна експропријација на земјиштето поради појавена потреба од ублажување на косините на усеците; потреба од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти (далекуводи, електро-преносни и комуникациски водови, водоводни и канализациони инсталации), како и индивидуални станбени и стопански објекти кои се совпаѓаат со трасата на делницата; одобрување на нови одлагалишта на земја, поради очекуван зголемен ископ во усеците и засеците при ублажување на косините кои се нестабилни и недоволен број на технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот (подизведувачите).

„Поради тоа, како што се посочува, имајќи ја во предвид обемноста и значајноста на проектот патна делница Кичево – Охрид, потребен е поаналитички пристап при планирањето на проектите, поголема подготвеност при започнување и реализација на делници со голема должина, системски пристап и навремено обезбедување на потребната документација за започнување и реализација на проектот“, укажа тогаш државниот ревизор.

Инаку, како што се вели во извештајот на ДЗР, вкупното задолжување за овој проект изнесува 685 милиони долари, при што во договорот за изградба предвидено е финансирањето на проектот во најголем дел или 90 отсто да биде со заем, додека 10 проценти од сопствени средства на ЈП за државни патишта.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons