И домашни инвеститори ќе градат ветерници во Македонија
Во годишниот план за изградба на енергетски објекти за производство на електрична енергија за 2026 на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, од пријавените седум почетни инвестиции за ветерни паркови, повеќето се од страна на домашни инвеститори.
Така, 4 Винд Енерџи, компанија на еден од најпознатите кавадаречки бизнисмени Даниел Лалков, пријавила дека ќе гради ветерници од 122,4 мегавати во североисточниот регион од земјата. Ветерен парк од 157,5 мегавати ќе се гради во југозападниот регион од страна на сеуште нерегистрирана фирма, но според името во најавата, може да се заклучи дека е во сопственоост на познатата битолска градежна компанија „Стентон“.
ВС Инженеринг Група пријавил ветерен парк од 85 мегавати во пелагонискиот регион. Сопственици се синот и снаата на актерот Драган Спасов Дац – Јаков и Софија Спасови, заедно со извесен Владимир Коневски. Домашна инвестиција треба да е и ветерницата на новоформираната компанија Виенто Енергетико во источниот крај од земјата со капацитет од 47,6 мегавати.
Најмала ќе биде инвестицијата на државната ЕСМ, која ќе направи проширување на ветерниот парк „Богданци“, со 13,6 мегавати. За оваа инвестиција ЕСМ веќе договори задолжување за кредит од странство.
Досега најпознатите ветерни паркови кои веќе се започнати со работа или се во изградба се на странски инвеститори. Такви се „Парк на ветерни електрани Перун“ на словенечкиот Интеренерго, „Богословец“ во сопственост на Тхор Импекс од Луксембург, како и турскиот „Калтун енержи“. Изминатото лето започна изградбата на најголемиоот ветерен парк во земјата на 326 хектари на инвестицискиот фонд на Алказар. Според најавите, инвестицијата ќе изнесува половина милијарда евра за 55 ветерници на територијата на Штип, Карбинци и Радовиш.
Македонија планира да додаде 4,42 GW нов капацитет за производство на зелена енергија во рамките на својот годишен план за енергетска изградба за 2026 година, со вкупни инвестиции проценети на 3,7 милијарди евра (4,4 милијарди долари), соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси.
Вкупно 67 иницијативи на инвеститори за изградба на нови постројки за производство на електрична енергија беа одобрени од 284 поднесени по јавниот повик објавен во септември 2025 година.
Прифатените проекти вклучуваат 59 фотоволтаични централи со вкупен капацитет од 3.014 MW и проценети инвестиции од 2,11 милијарди евра, седум ветерни фарми со вкупна моќност од 907,7 MW со инвестиции од 1,18 милијарди евра и една когенеративна централа на гас со капацитет од 495 MW, вреднувана на 445,5 милиони евра.



