И во март зголемен е бројот на одобренија за градење
Во март 2025 година се издадени 334 одобренија за градење, што е за 4 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 20.153.302 илјади денари, што е за 244,2 % повеќе во однос на истиот месец лани, соопшти Државниот завод за статистика.
Зголемената предвидена вредност се должи на фактот дека во референтниот период е издадено одобрение за изградба на станица за пречистување отпадни води за Град Скопје, кое е со голема вредност.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 185 (55,4 %) се наменети за објекти од високоградба, 64 (19,2 %) за објекти од нискоградба и 85 (25,4 %) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 334 објекти, на 149 (44,6 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 185 (55,4 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 685 станови, со вкупна корисна површина од 57.039 м2.