Историски пресврт – крајната десница води во трите најмоќни земји во Европа
За прв пат во модерната историја, популистичките или крајнодесничарските партии водат на анкетите во трите најмоќни европски земји – Обединетото Кралство, Франција и Германија. Тоа е, според Волстрит џурнал, најновиот знак за растечкото незадоволство меѓу гласачите на континентот по годините висока имиграција и инфлација.
Историски пресврт: „Ова е значајно“
Крајнодесничарските и антиимиграциските партии веќе влегоа во владите на Италија, Финска и Холандија. Но, ова е прв пат тие истовремено да имаат предност во Франција, Германија и Обединетото Кралство – трите земји што носат најголема политичка и економска тежина во Европа. Аналитичарите предупредуваат дека ова би можело да отвори период на политички превирања, иако националните избори во сите овие земји се уште се оддалечени со години.
„Значајно е. Лидерите во сите три земји се соочуваат со подемот на крајнодесничарската десница, која се чини дека е на прагот на власта, освен ако политичарите не се справат со она што го поттикнува тој раст – имиграцијата и трошоците за живот“, вели Муџтаба Рахман, раководител на Европа во консултантската компанија Евразија.
Бардела и Ле Пен пред сите во Франција
Францускиот Национален Фронт, преименуван во Национален собир води во анкетите цела година.
Џордан Бардела, политичкиот наследник на Марин Ле Пен, е поддржан од 36 отсто од испитаниците, повеќе од кој било друг политичар во земјата, според анкетата на агенцијата Елаба од август. Анкетите покажуваат дека кандидатот на Национален собир, без разлика дали е Бардела или Ле Пен, би водел во првиот круг од претседателските избори.
Денес, Национален собир има најмногу претставници во парламентот, што им отежнува на претседателот Емануел Макрон и неговиот премиер Франсоа Бајро да владеат. Бардела оваа недела го повика Макрон да распише нови избори или да поднесе оставка. Гласањето за доверба на француската влада ќе се одржи на 8 септември.
Обединето Кралство: Фараж пред Стармер
Во Британија, партијата Реформа на Велика Британија на Најџел Фараж силно порасна во последните шест месеци и сега е пред владејачката Лабуристичка партија и опозициските конзервативци. Ова го доведува во прашање двопартискиот дуопол што доминираше во британската политика цел век.
Притисокот врз премиерот Кир Стармер исто така расте поради миграцијата. Помеѓу 2021 и 2024 година, 4,5 милиони луѓе пристигнале легално во земјата, главно од Индија, Нигерија и Кина – повеќе отколку во Соединетите Американски Држави, иако населението на Британија е пет пати помало.
Покрај тоа, десетици илјади луѓе нелегално го преминуваат Ламанш секоја година во мали чамци. Само до крајот на август оваа година го преминале 29.000 мигранти.
Германија: АфД рамо до рамо со ЦДУ
Во Германија, крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) е рамо до рамо со демохристијаните на канцеларот Фридрих Мерц од почетокот на годината, а во последните недели накратко го презеде водството, според анкетите. Според резултатите од најновото истражување објавено синоќа, ЦДУ е повторно во водство, но разликата е само околу 1отсто.
Партијата предводена од Алис Вајдел се залага за депортација на недокументираните имигранти, излез на Германија од Европската Унија и еврото, а некои од нејзините лидери ја доведоа во прашање културата на сеќавање на холокаустот во Германија.
АфД има слична економска програма како ЦДУ, вклучувајќи намалување на даноците и зголемување на пензиите, но се спротивставува на клучната енергетска транзиција.
Некои пратеници изразија симпатии кон Русија и Кина, а партијата повикува на обновување на енергетските врски со Москва. И покрај падот на бројот на нови барања за азил поради построгите гранични контроли, АфД бележи пораст на поддршката, што аналитичарите го поврзуваат со економска стагнација и двегодишна рецесија.
Заеднички именител
Големиот прилив на мигранти, зголемување на цените и продолжено чувство на економска стагнација доведоа до пресврт во политичкото расположение во трите клучни европски земји.
„Иста е приказната, од помалите англиски градови до француските провинции и германските индустриски центри – многу луѓе се чувствуваат игнорирани од традиционалните елити“, вели Жереми Галон, поранешен француски дипломат и раководител на Европа во консултантската компанија Мекларти асошиејтс.
Резултатот е тоа што крајната десница, за прв пат во модерната историја, има истовремена предност во Британија, Франција и Германија.