ИПИС: Апсолутно мнозинство засега го поддржува системот „Безбеден град“
Апсолутно мнозинство, меѓудругото, засега го поддржува системот „Безбеден град“ , покажува истражувањето на Институтот за политички истражувања (ИПИС) „Перцепција на граѓаните за рејтинг на партии и политичари“, спроведено преку телефонска анкета меѓу 15 и 18 декември годинава на 1114 полнолетни испитаници на ниво на државава.
Целосна поддршка за системот „Безбеден град“ односно поставување камери за мерење на брзина и други сообраќајни прекршоци има од мнозинството од испитаниците, 63,9 проценти, 12,6 проценти одговориле – донекаде да, 7,5 проценти – не воопшто, а 5,2 проценти – донекаде не.
ИПИС соопшти дека истражувањето е реализирано со користење на случаен примерок стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението во Република Македонија. Во него биле запазени демографските специфики на населението како полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење и изборната единица, со тоа што Скопје е земено како посебна целина заради своите посебности.
– Истражувањето е спроведено за потребите на ИПИС со цел да се анализираат рејтинзите на партиите. Анкетата е финансирана од сопствени средства на ИПИС, се вели во информацијата од ИПИС.



