МакедонијаНајново

ИМА ВАКЦИНИ ЗА СЕЗОНСКИ ГРИП Ризичните на боцкање од средината на октомври

Набавените 40.000 дози четиритипни вакцини против сезонски грип се наменети за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и за децата на возраст од 6 месеци до 5 години.

Во земјава полека стивнува пандемијата со ковид-19, но со доаѓањето на есента, период кога има значителни промени во температурите, пристигнува и грипот. Поради тоа од Министерството за здравство нѐ информираа дека се подготвени за вакцинацијата против сезонскиот грип и дека се набавени потребните количини вакцини.

За време на сезоните за грип во 2020 и 2021 година, оваа болест беше навистина ретка, затоа што со превенцијата од коронавирусот, кога граѓаните речиси постојано носеа маски, како и со почестото миење раце и седењето дома, се направи брана за ширењето на сезонскиот грип.

Од Министерството велат дека и оваа година се набавени 40.000 дози четиритипни вакцини против сезонски грип.

– Оваа сезона е предвидено вакцинацијата за сезонски грип да започне порано од предвиденото, па така наместо на почетокот на ноември, како досега, би требало да стартува во средината на октомври. Набавените 40.000 дози четиритипни вакцини против сезонски грип се наменети за стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и за децата на возраст од 6 месеци до 5 години – ни одговорија од ресорното министерство.

Вакцинацијата е бесплатна, како што беше пракса и во минатото.

Што се однесува до вакцинацијата против ковид-19, од Министерството за здравство велат дека преку Комисијата за заразни болести „во континуитет ги следи препораките во однос на сите аспекти за ковид пандемијата, вклучувајќи ја и имунизацијата“.

– Вакцинацијата против коронавирусот се одвива непречено и месечно се реализираат околу 1.000 вакцинации. Повторно апелираме сите оние кои досега не се имунизирани, или треба да примат бустер доза, тоа да го сторат поскоро, затоа што не се знае како ќе се одвива пандемијата во периодот што следи – додаваат од МЗ.

Ланската сезона имаше над 3600 пријави со грип и околу 50 000 вакцинирани со бесплатни и комерцијални вакцини.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons