Актуелно

Илјадници деца учествуваа во бадниковите поворки низ целата земја

Илјадници деца во повеќе градови денеска излегоа на улиците на бадникови поворки, пеејќи ја песната „Вечниот Бог“. Во повеќето места децата беа пречекани од општинските власти и им беа поделени пригодни коледарски дарови.

Во Скопје поворката почна од Старата железничка станица, а децата, носејќи божиќни ѕвезди и пеејќи ја песната, чекореа по улицата „Македонија“ до централниот плоштад, каде е поставена сцената кај Божикната пештера.

На плоштадот „Македонија“ се одржува „Божикната авантура“ – голема музичко-сценска изведба во живо, со повеќе од 40 музичари, пејачи, актери и учесници од „Златно славејче“. Мјузиклот е реализиран под уметничко раководство на Владо Дојчиноски, со драматургија на Билјана Крајчевска, и преку музика и сценска приказна ја пренесува пораката за Рождеството Христово.

Претходно, дел од учесниците на бадниковите поворки во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје остварија средба со Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Бадникови поворки имаше и во други градови.

Над 500 деца на возраст до 18 години годинава учествуваа на Бадниковата поворка што ја организира Црковниот храм „Св. Великомаченик Георгиј“ од Кочани. Учесниците пеејќи празнични песни, поминаа од кочанскиот храм, преку централното градско подрачје до Градскиот плоштад, каде што во Општина Кочани беа пречекани од градоначалникот Владко Грозданов.

Со Бадникова поворка и пеење на песната „Вечниот Бог“, денеска беше најавено Христовото раѓање и во Кавадарци. Поворката тргна од црквата „Света Петка“, помина преку централното градско подрачје и стигна до градскиот плоштад.

Пред зградата на општината, децата со подароци ги пречека градоначалникот Митко Јанчев.

Во Тетово и покрај силниот дожд, неколку стотици деца во бадникова поворка тргнаа од соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ пеејќи ја песната „Вечниот Бог“.

Поворката ја помина и вообичаена патека на движење од црквата кон плоштадот, пазарот по што продолжи по булевар „Благоја Тоска“ па се до трговскиот комплекс „Тетовчанка“. Поворката се движеше и по улица „Борис Кидрич“ и заврши во Музејот на тетовски крај (Дом на АРМ) каде се одржа предвидената културно-уметничка програма со настап на детските хорови „Крешендо“ и „Лале“, КУД „Шара“ и Трио „Акустик“.

Стотина деца во бадникова поворка поминаа и низ улиците на Македонска Каменица, а добија и подароци од градоначалничката Соња Стаменкова.

Голем број деца со бадникови ѕвезди имаше и традиционалната бадникова поворка во Крушево.

Поворка од стотина деца имало и во Крива Паланка кои се движеле низ централната градска улица, сѐ до плоштадот.

Децата од Куманово учествуваа во бадниковата поворка и ја пееја „Вечниот бог“. Со ѕвезди во рацете и пештера се движеа од соколанскиот парк по централните градски улици до градскиот плоштад каде имаше културно – уметничка програма.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons