Спорт

Илоски: Горд сум што сум од Македонија, растев со баба ми и дедо ми кои ми зборуваат македонски 

Милан Илоски е фудбалски напаѓач од САД со македонско потекло, тој настапува за тимот на Филаделфија од МЛС и во иднина би можел да настапува за Македонија.

Летово Илоски се истакна на натпреварот против Ванкувер кога во победата од 5-3 на неговиот тим тој постигна четири голови и тоа за неверојатни 12 минути поставувајќи рекорд.

Во интервју за порталот „RG“, Илиоски зборува за неговата поврзаност со Македонија и евентуален настап за македонската репрезентација.

„Целата страна од татко ми се Македонци. Растев со мојата баба и дедо кои ми зборуваа на македонски. Иако не зборувам многу добро, јазикот го разбирам прилично добро и секогаш со нив сум комуницирал на македонски. Горд сум што сум од Македонија. Пораснав со македонски вредности и сите околу мене се однесуваа на таков начин, а тоа формираше и голем дел од мојот карактер и личноста која што сум денес“, вели Илоски.

„Сум разговарал со неколку фудбалери од македонската репрезентација и тоа би била интересна можност и нешто што сигурно би го разгледал, ако ми се понуди. Секако, сè зависи од тоа како ќе се одвиваат работите и какви други опции ќе имам, но би размислил за сè. Тоа би било позитивен чекор напред во мојата кариера. Отворен сум за сите можности. Да се претставува една репрезентација е навистина чест“, истакна Илоски.

Тој настапуваше и во Европа, во тимот на Нордсјеланд каде беше една сезона.

„Нордсјеланд е тим со јасен идентитет и фокус на играње и развој на млади фудбалери. Таму многу напредував за краток период, но на крајот не се вклопив во моделот што клубот сакаше да го следи и тоа е во ред. Имам голема почит кон луѓето во Нордсјеланд, но за мене беше подобро да преминам во клуб каде што идеите и принципите се различни. Нордсјеланд е неверојатен клуб за развој и лично унапредување, но за мене, оваа преселба (во Филаделфија Унион) беше вистинско време и добра можност да се вратам во Америка и да играм за еден од најдобрите тимови“, вели Илоски.

На вчерашната прес-конференција селекторот Благоја Милевски одговори на прашање за Илоски, не ја исклучи можноста во иднина да го повика во националниот тим, но во овој момент не го следи.

„Што се однесува до Илоски, е контактиран со него мислам дека пред две години, уште кога беше во втората лига во САД. Моментално не го следам да бидам искрен, но не значи дека нема да биде следен и во иднина, но треба да се стабилизра на едно место, да покаже потенцијал кој го поседува. На моменти покажува потенцијал, на моменти покажува дека е во барање на самиот себе, според она што го следав. Ќе видиме што ќе ни донесе во иднина“, изјави вчера Милевски.

Фото: MLS/X

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons