Израел започна бран воздушни напади врз позициите на Хезболах во Либан
Израелските воздухопловни сили започнаа бран напади врз цели на Хезболах во источниот дел од долината Бека во Либан, објави денес израелската армија (ИДФ).
ИДФ вели дека целите на воздушните напади ги вклучуваат воените објекти на дивизијата Радван, елитна формација на Хезболах, во која се сместени складишта за оружје и оперативци на либанската милитантна група, објавува „Тајмс оф Израел“.
„Воените објекти што беа цел на напади од страна на израелските воени авиони ги користи терористичката организација Хезболах за обука и подготовка на терористи за планирање и спроведување терористички операции против силите на ИДФ и Државата Израел“, се вели во соопштението на ИДФ.
Во него се додава дека оружјето складирано на тие локации и непријателските активности на Хезболах се јасно кршење на договорот меѓу Израел и Либан и претставуваат идна закана за еврејската држава.
„Силите на Радван Хезболах имаа задача да го нападнат Израел“, се вели во соопштението на Израелските одбранбени сили и се предупредува дека оваа елитна единица со години развива оперативен воен план под кодното име „Освојување на Галилеја“.