Израел го нападна јеменското пристаниште Ходеида
Израелската морнарица изврши напади врз јеменското пристаниште Ходеида на Црвеното Море, објави денес израелското воено радио, во тековна воена кампања која обично се состои од воздушни напади.
Телевизиската станица Ал Масира, управувана од Хутите, објави дека Израел двата напади ги насочил на доковите на пристаништето Ал Ходеида. Засега нема извештаи за жртви.
Нападите се случија откако израелската војска во понеделник повика на евакуација на пристаништата Рас Иса, Ходеида и Салиф, кои сите се под контрола на Хутите. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац ги предупреди Хутите во вторник дека ќе се соочат со поморска и воздушна блокада доколку не ги прекинат нападите врз Израел.
Од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година, Хутите, сојузници на Иран, пукаа врз Израел и на бродови во Црвеното Море, што тие го нарекуваат акти на солидарност со Палестинците. Повеќето од десетиците ракети и беспилотни летала испукани кон Израел беа пресретнати или не стасаа до своите цели, а Израел започна серија одмазднички напади.
Израел сериозно ги ослабе другите сојузници на Иран во регионот, либанскиот Хезболах и палестинската милитантна група Хамас. Хутите, кои се поддржани од Техеран, како и проиранските вооружени групи во Ирак, сè уште опстојуваат.