Израелски напади врз главниот град на Јемен
Главниот град на Јемен, Сана, денеска беше погоден од израелски напади, објави телевизиската станица Ал Масира, контролирана од Хутите, два дена откако Хутите истрелаа ракета врз Израел.
Жителите на Сана изјавија дека нападите биле насочени кон области во близина на претседателскиот комплекс, ракетни бази и електрани. Израелската војска го потврди нападот и рече дека метите во Сана вклучувале воен комплекс во кој се наоѓа претседателската палата, две електрани и складиште за гориво.
Хутите во петокот изјавија дека истрелале балистичка ракета кон Израел. Претставник на израелските воздухопловни сили денеска изјави дека ракетата најверојатно носела повеќе муниција „наменета да се активира при удар“. „Ова е прв пат ваков тип ракета да биде лансирана од Јемен“, изјави официјалниот претставник.
Јеменските бунтовници Хути соопштија дека две лица загинале, пет се повредени, пренесува Бета, повикувајќи се на локалната телевизија.
„Две лица загинаа, пет се повредени во израелски напад на бензинска пумпа во Сана“, соопштија бунтовниците, додавајќи дека ова е привремен број на жртви.
Откако започна израелската војна во Газа против палестинската милитантна група Хамас во октомври 2023 година, Хутите, кои се поддржани од Иран, напаѓаа бродови во Црвеното Море, тврдејќи дека тоа е акт на солидарност со Палестинците.
Тие, исто така, често истрелуваа ракети кон Израел, од кои повеќето беа пресретнати. Израел одговори со напади врз областите под контрола на Хутите, вклучувајќи го и виталното пристаниште Ходеида.