Изгоре фабрика за полиестер во село Неготино
Противпожарните екипи на Гостивар од 00:45 часот со 9 пожарникари и три возила интервенирале синоќа на опожарен објект во село Неготино, општина Врапчиште, при што опожарен бил погон за изработка на полиестер, информира Центарот за управување со кризи.
-.Се работи за магацин за производство на полиестер кој се состои од три објекти, при што два се целосно изгорени, додека третиот е делумно изгорен. Од страна на ТППЕ Гостивар побарана е и добиена помош од ТППЕ Тетово со 4 пожарникари и 1 ПП возило кои интервенирале до 04:00 часот, соопшти ЦУК.

Итната медицинска помош од Гостивар известува дека еден пожарникар при интервенцијата паднал од скали и се здобил со повреди поради што е однесен во Ургентниот центар во Клиничката Болница во Гостивар.
Пожарот е локализиран во 05:30 часот, но сеуште има жар и чад поради што ТППЕ Гостивар сеуште се на терен. Не се познати причините за настанување на пожарот.