Избегната еколошка хаварија во Македонија: 10 години се чувале 10 тони „темпирана бомба“ – опасен хемиски отпад среде Скопје
Македонија за малку избегна еколошка хаварија од огромни размери. Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, денеска ја шокираше јавноста со информацијата дека повеќе од една деценија во просториите на Институтот се чувале 10 тони опасен хемиски отпад. Се работи за лесно запаливи и испарливи материи, остатоци од лабораториски анализи, кои претставувале директен ризик за здравјето на граѓаните.
„Немавме ниту упатство за управување со овој отпад, но веднаш ги алармиравме институциите и за среќа го отстранивме пред да дојде до катастрофа. Очекувам одговорност за ова долгогодишно загрозување на безбедноста“, истакна Андоновска. Отпадот во моментов е безбедно дислоциран и се подготвува за извоз надвор од државата каде што ќе биде согорен во специјални печки.



