Идниот месец детали за локалната изборна трка – изборите ќе бидат распишани во првата половина од август
Владејачката коалиција со меѓусебна поддршка за кандидатите за градоначалници, а секој со свои советнички листи. Премиерот Мицкоски тврди дека добро течат разговорите со Вреди и ЗНАМ, но деталите за локалната изборна трка ги остави за по годишниот одмор на Владата – период кој исто така ќе биде искористен за меѓупартиски разговори.
A, официјализација на форматот на соработка ќе има за еден месец.
„Очекувам Владата да биде помеѓу 5 и 15 август на годишен одмор, во тие десетина дена. Анализите во тој период ќе траат, разговорите ќе траат и веднаш после 15 август – еве да речеме втората половина на август месец и тоа да се официјализира. Во меѓувреме ги завршивме разговорите со нашата внатрешна коалиција, со политичките партии кои се потенцијални наши идни коалициони партнери. Сега ја правиме таа анализа и очекувам до првата половина на август тоа да се затвори како тема“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на РС. Македонија.
Вреди сѐ уште калкулира и неизвесно е што ќе понуди на гласачите, а нивните политички опоненти од албанскиот блок веќе ги повлекоа првите потези. ДУИ вчера официјално го определи потпретседателот на партијата и екс-министер Бујар Османи, како кандидат во Општина Чаир.
Со тоа, извесен е изборен „судир“ помеѓу Османи и актуелниот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, чиишто сопартијци од Вреди не кријат дека неговото име предничи во партиските анкети во оваа скопска општина.
„ДУИ можеше многу подобро“ – реагира денеска Биљал Касами од Вреди, кој изрази подготвеност за изборна битка и во Тетово, каде што интегративците го номинираа Бајрам Реџепи.
„Ценам дека Бујар Османи не е соодветен кандидат и ДУИ имаше подобри можности, но тоа е нивна одлука. Јас гарантирам дека кандидатите на Влен кои и да бидат и за Тетово и за Чаир – ќе бидат далеку подобри и ќе бидат кандидати на граѓаните и за граѓаните“, вели Биљал Касами од Вреди, кој е и градоначалник на Општина Тетово.
Во меѓувреме, партиите од македонскиот политички кампус ги открија најголемиот дел од своите адути за градоначалници. Социјалдемократите пред неколку дена го објавија името на Каја Шукова како кандидат за градоначалник на Скопје, но сѐ уште не го дефинирале настапот со партнерите.
„Во постојани преговори сме со коалициските партнери и за сѐ што ќе биде договорено, секако јавноста ќе ја информираме навремено“, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Изборите ќе бидат распишани во првата половина од август. Спикерот Гаши денеска изјави дека Собранието се обидува максимално да ги искористи следните денови, да се донесат законите што се во процедура, но и да не се попречи работата на другите институции.