Актуелно

ИДНИНАТА НА ЧЕБРЕН ПОВТОРНО НЕИЗВЕСНА: Рокот за потпис на договорот со грчката компанија помина 

Пропаѓа и последниот обид за изградба на хидроцентралата „Чебрен“, бидејќи грчката компанија „Архиродон“, која требаше да го потпише договорот за изградба до крајот на 2023 година, тоа се уште не го направила. 

Со оглед дека рокот за продолжување на гаранцијата веќе измина, а истата не е продолжена, ниту пак, е потпишан договорот за изградба, неминовен заклучок е дека и овој 14-ти обид за изградба на „Чебрен“ завршува неуспешно. 

Од Министерството за животна средина, за утре најавија брифинг со новинари на темата „Чебрен“. 

Она што е познато е дека тие ги анализираат следните чекори, меѓу кои и дали ќе се активира банкарската гаранција. 

Се очекуваат повеќе детали во текот на утрешниот ден, меѓу другото и дали и кога ќе се пристапи кон подготовка на одлука за прекинување на постапката.

Грчката компанија се жалеше дека условите на тендерот не се исти како оние во владината одлука за изградба на хидроелектраната Чебрен, но од Владата беа децидни дека никакви промени во критериумите нема да има.

Инаку обиди и најави за изградба на „Чебрен“ има долги години, и досега пропаднаа 13 тендери. Хидроцентралата се смета за најголемиот проект во енергетиката и производството на електрична енергија во земјава, со инвестицијата во вредност од околу една милијарди евра, со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Според последниот тендер, планираната висина на браната од 192 метри требаше да биде една од највисоките во светот.

Основен проект за изградба на ХЕЦ „Чебрен“ е направен уште во 1963 година, а идеен проект во 1965 година.

Со последниов тендер, идејата беше компанијата која ќе го гради „Чебрен“ да го добие на стопанисување и ХЕЦ „Тиквеш“, заедно со две третини од капацитетот на „Чебрен“. 

Поради ваквите услови имаше бројни несогласувања од нашите истакнати професори од областа. Енергетската заедница се противеше на идејата оваа значајна инвестиција да ја гради странска компанија, која би уживала во придобивките, и инсистираат тоа да го направи државата сама.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons