Македонија

Игуменот Георгиј едногласно избран за нов Митрополит на Дебарско-кичевската епархија 

Наречението на новоизбраниот митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 12 јули, на Петровден, во храмот „Св. Климент Охридски и Св. Пантелејмон“ на Плаошник, а епископската хиротонија и интронизацијата за митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 13 јули, на Павловден, во Соборниот храм на Охридските архиепископи „Св. Софија“ во Охрид.

Неговото Високопреподобие игуменот Георгиј (Ѓорѓевски) е едногласно избран за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија на денешната седница на Светиот Архијерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Тронот на Дебарско-кичевската епархија беше упразнет по упокојувањето на Митрополит Тимотеј во ноември минатата година.

-Светиот архијерејски синод, исто така, го разгледа и предлогот на Претседателот на САС на МПЦ – ОА, Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, за избор на иден Митрополит на упразнетата Дебарско-кичевска епархија. Раководен од Светиот Дух, Светиот архијерејски синод едногласно и еднодушно го избра Неговото Високопреподобие архимандритот г. Георгиј (Ѓорѓевски) за Митрополит на Дебарско-кичевската епархија при Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Достоен!, истакна епископот Климент.

Наречението на новоизбраниот митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 12 јули, на Петровден, во храмот „Св. Климент Охридски и Св. Пантелејмон“ на Плаошник, а епископската хиротонија и интронизацијата за митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 13 јули, на Павловден, во Соборниот храм на Охридските архиепископи „Св. Софија“ во Охрид.

Георгиј беше единствен кандидат за оваа висока црковна позиција, кој на празникот Педесетница доби ново унапредување во монашки чин – игумен на церемонијата одржана во соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Произведувањето го изврши архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Поранешниот декан на Богословскиот факултет, Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши на 27 мај годинава, на 28 мај беше произведен за јероѓакон, а на 29 мај беше избран за јеромонах.

Биографија на митрополитот Георгиј (Ѓорѓевски)

Игуменот Георгиј е роден на 24 јули 1968 година во Скопје, како второ дете во семејството на Душан и Даница. По завршување на основното образование во 1982 година, се запишува на Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево, каде матурира во 1986 година како дел од деветнаесетта генерација.

Високото богословско образование го продолжува на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде и дипломира. Во октомври 1990 година се враќа во Богословијата во Драчево како предавач на предмети како Свето писмо на Стариот и Новиот Завет, Црковнословенски, Старогрчки и Латински јазик, Црковно пеење и Теорија на музиката.

Во 1993 година започнува последипломски студии на Источниот институт во Регенсбург, Германија, а следната година заминува во Рим, каде во 1996 година магистрира, а во 2000 година докторира на Понтификалниот Универзитет „Грегоријана“ во Рим.

По враќањето во 1999 година, предава во Богословијата, а од 2001 година е професор на Богословскиот факултет во Скопје по предметите Вовед и Егзегеза на Светото писмо на Стариот завет и Библиска историја со археологија.

Од 2000 до 2010 година беше шеф на Кабинет на Архиепископот, а во периодот 2000-2007 година и секретар на Американско-канадската православна епархија.

Во периодот од 2010 до 2014 година ја извршува функцијата амбасадор на Република Македонија при Светата Столица во Рим.

По завршувањето на дипломатската служба, се враќа како професор, а од 2016 до 2023 година беше два мандати декан на Богословскиот факултет.

Активно учествува во Македонското библиско здружение, каде од 2020 година е генерален секретар. Учествувал во подготовката на ревидираното издание на Светото писмо од 2006 година и во преводот на Новиот завет (2023) и Псалмите (2024). Член е и на комисијата за превод на Богослужбеното Евангелие (2008).

Во текот на студиите бил уредник на списанијата „Млад богослов“ и „Православен благовесник“. Од 2002 до 2006 година беше главен уредник на „Православен пат“, од 2016 година е уредник на Годишниот зборник на Богословскиот факултет, а од 2025 година претседава со уредувачкиот одбор.

Автор е на неколку книги и бројни научни трудови. Владее италијански и англиски јазик, а се служи и со германски и француски.

Замонашен е на 27 мај 2025 година во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Скопје. За јероѓакон бил ракоположен на 28 мај 2025 година, а за јеромонах на 29 мај 2025 година. На 8 јуни 2025 година е произведен во чин игумен.

Новиот митрополит Дебарско-кичевски му посакуваме многу години плодна и благословена служба!

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons