Ибрахимовиќ бил покрај Рајола до самиот крај, нивната прва средба е незаборавна
Медиумите од Италија пренесуваат дека Златан Ибрахимовиќ синоќа во брзање го напуштил тренингот на Милан, напаѓачот сакал да биде покрај Мино Рајола во последните мигови од животот на агентот.
Синоќа почина Мино Рајола, еден од најдобрите и најпознати агенти во светот на фудбалот. Откако беа демантирани вестите кои се појавија во четвртокот, семејството на Италијанецот вчера соопшти дека тој ја загубил најважната битка.
Пораки со сочувство пристигнаа од сите страни, а како што пишува Скај Спорт Италија, Златан Ибрахимовиќ бил покрај Мино Рајола до самиот крај.
Напаѓачот изминативе денови неколку пати го посети Мино Рајола во болница, а вчера кога дознал дека состојбата дополнително му се влошила, во брзања го напуштил тренингот на Милан и сакал да биде во болница како дел од семејството.
Двајцата соработуваа речиси две децении, пред неколку години, Златан Ибрахимовиќ откри како се започнало.
„Кога играв во Ајакс, прашав еден новинар од Холандија да ми препорача агент, и по една недела ми го препорача агентот на Дејвид Бекам и еден Италијанец кој навистина ќе ми се допадне. Бил ист како мене, улицата го научила многу работи“ – раскажа Златан Ибрахимовиќ.
„Па се сретнав со Мино Рајола. Очекував елегантен човек, во костим, а дојде буцко облечен во хавајка“.
„Ми извади листови со статиска и почна да збори, „Шевченко има 23 гола на 25 натпревари, Инзаги има 25 гола на 27 натпревари, Виери има 23 гола на 24 натпревари. Ти имаш 4 гола на 21 натпревар, како очекуваш да те продадам?“ Јас верував во моите способности па му реков дека со таква статистика нема да ми треба агент, со такви бројки и мајка ми ќе ме продаде“.
„Мино „прсна“ од смеење“.