Македонија

ЗНМ реагира: Промоцијата на претседавањето со ОБСЕ со јавни пари е спротивна на забраната за владини кампањи 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) со соопштение до јавноста реагира на постапката на Министерството за надворешни работи, кое преку претходно спроведена јавна набавка, инвестира средства на граѓаните за кампањи во приватни медиуми за промоција на претседавањето со ОБСЕ.

Ваквата постапка, според ЗНМ, директно е во спротивност со претходна владина одлука од 22 август 2017 година со која практично се става мораториум на владините реклами во приватните медиуми.
МНР, како што потврди и министерот Бујар Османи, ќе потроши околу 100.000 евра за промотивни активности поврзани со претседавањето со ОБСЕ, за што е склучен договор со приватна маркетинг компанија.

Османи на последниот брифинг со новинарите кажа дека годинава, колку што трае мандатот, ќе биде исклучителна можност за меѓународна промоција на нашата држава и за тоа, според министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе треба поддршка од професионална пи-ар агенција, бидејќи нема таков кадар во ресорното министерство.

– Ангажирањето на агенцијата „Рејтинг“ ќе чини 6 милиони денари (околу 100.000 евра), но тие пари не се за пи-ар, туку со нив ќе се платат трошоците за организирање на Министерскиот совет на крајот на годинава, бидејќи таков кадар во МНР нема. На министерскиот состанок во декември во Скопје ќе дојдат повеќе од 70 министри за надворешни работи, а ние немаме ни соодветен објект во кој може да се организира таков настан, објасни Османи.

Но, за ЗНМ оваа одлука, која ја надополнува активната законската забрана за владини кампањи, им укажува на сите органи на државната управа, како и на единиците на локалната самоуправа да престанат да се рекламираат во комерцијални телевизии и радија, дневни и неделни весници, билборди, интернет портали и слично.

Од Здружението алармираат дека праксата за плаќање на владини кампањи во медиумите со пари на граѓаните, освен што е незаконска и во спротивност со претходни владини одлуки, истата може да ги поттикне и останатите јавни институции да ја применуваат, со што дополнително би се нарушил кревкиот медиумски пазар.

„Оваа пракса на скап и селективен начин на откупување на медиумски простор преку владини кампањи не може да се смета како поддршка на медиумите, туку како обид за нивно корумпирање и истовремено за промоција на политичка пропаганда на штета на јавниот интерес“, пишува во соопштението од ЗНМ.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons