Земјотрес ја стресе Македонија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, известува дека вчера, неколку минути пред полноќ регистрирала земјотрес 135 km југо-источно од Скопје кој потекнува од епицентралното подрачје Гевгелија – Гуменџа.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата земјотресот се случи во 23 часот и 56 минути со Рихтерова локална магнитуда ML2.0 и интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала. Земјотресот беше почувствуван од населението во Богданци, Гевгелија и околината, информираат надлежните.