ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ СЕ НАДЕВААТ НА ОБЕШТЕТУВАЊЕ: Јаболката, тутунот, житариците, лозјата, бостанот настрадаа од градот
Градот кој викендов паѓаше во повеќе региони на Македонија направи големи штети на житарците, лозјата, тутунот, овошните дрвца, и градинарските култури.
Во некои делови од Македонија градот беше со големина на лешник, а во Лозово истиот беше со големина на јајце. На удар беа струмичко, светиниколско, охридско – струшкиот регион, тетовско, кумановско. Земјоделците велат дека вакво нешто не се случило долги години, и се надеваат дека државата ќе ги обештети, за да можат да ги ублажат последиците. Орце Велков од селото Милино во Општина Лозово, раскажува дека невремето ги зафати посевите со житарица, лозјата, тутунот, но има штети и на пластениците. Според него, оваа година ќе биде катастрофална за земјоделците. Велков додава дека мнозинството земјоделци во овој крај ги осигурале површините, и сега се надеваат дека обештетувањето ќе им помогне да излезат од криза.
„Скоро секоја куќа има засадени површини, било да е тоа житарица, тутун, лозје. Има оштетени пластеници, најлоните сега се дупнати. Треба што поскоро да дојдат да се изврши проценка и да се види каква е фактичката состојба на терен, затоа што по недела дена поради високите температури, културите се развиваат и веќе не може точно да се види каква била состојбата “, вели Велков.
Љубе Пампулески, од Здружението на овоштари „Благој А. Котларовски“ од Ресен објаснува дека градот зафатил појас од околу 500 метри во близина на планината Галичица. Некои овошни насади претрпеле помали, а други поголеми штети. Објаснува дека авиони викендов делувале со што спречиле градот да направи уште поголеми штети.
„Погоден е делот под планината Галичица, од селата Стипона до Евла. Пет до десет минути траело невремето со град. Формирани се општински комисии кои ќе направат проценки на штети, со цел овоштарите да бидат обештетени и да се ублажи состојбата. Имаме големи температурни разлики, така што прво имаме температури до 35 степени кои траат 7 до 10 дена, а потоа се случува невреме со град кое прави штети. Климатските промени си го направија своето. Невреме со град имаше и во регионот, така што ова е веќе балкански проблем“, рече Пампулески.
Ристо Велков, од Синдикатот на земјоделците од струмичкиот регион oбјаснува дека најголеми штети има на културите кои се засадени на отворено, но ниту пластениците не се поштедени, нив ги оштетил градот и ветерот.
„Таму каде фатил градот, на отворено има штети, а сега нивите се полни со вода. Годината ќе биде лоша и поради ниските цени и поради овие неповолни временски услови“, додава Велков.
Денеска ќе започне проценка на штети на терен.