Земјите од Г7 се обврзаа повеќе да не купуваат руска нафта
Земјите од групата седум индустриски најразвиени земји во светот (Г7) денес целосно се обврзаа дека ќе го забранат или постепено ќе го прекинат увозот на руска нафта, соопшти денес Белата куќа.
Оваа одлука „ќе ѝ зададе силен удар на главата артерија која ја храни економијата на (рускиот претседател Владимир) Путин и ќе му ги одземе приходите потребни за финансирање на војната“ против Украина, се истакнува во соопштението на американската влада.
Во соопштението сепак не се наведува какви точно обврски преземала секоја поединечна членка на Г7, која ја сочинуваат Германија, Канада, САД, Франција, Италија, Јапонија и Британија.
Г7 денес одржа состанок преку видеоврска, трет годинава, со учество на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Денешниот состанок е симболичен поради тоа што се одржа пред утрешната воена парада во Русија со која се слави победата над нацистичка Германија.
Западот досега цврсто соработуваше во донесувањето санкции против Русија, но не напредува со истата брзина кога станува збор за руските нафта и гас.