Зеленски: Украина сè уште е спремна да потпише договор за минералите со САД
Володимир Зеленски изјави дека сè уште е „подготвен да потпише“ договор за минералите меѓу САД и Украина, откако ја напушти Белата куќа без да биде потпишан договорот.
Украинскиот претседател одговарајќи на прашање на Би-би-си рече дека, и покрај непријатната средба со американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела, тој сè уште е подготвен да води „конструктивен дијалог“ со САД, додавајќи: „Само сакам да се слушне украинската позиција“.
„Сакаме нашите партнери да се сетат кој е агресорот во оваа војна“, им рече тој на новинарите.
Говорејќи по самитот на европските лидери во Лондон во неделата, Зеленски рече дека борбената природа на неговата неодамнешна средба во Вашингтон не им била од корист на САД или Украина како партнери, туку дека реална корист од тоа има рускиот претседател Владимир Путин.
Сепак, тој рече дека ќе се врати во Белата куќа доколку биде поканет.
Зеленски рече дека нема да му отстапи територија на Путин ниту дека се кае за тоа како се однесувал на средбата со Трамп.
Силната украинска армија е „најдобра безбедносна гаранција“
Зеленски зборуваше за медиумите во Лондон по самитот на кој светските лидери се согласија за план од четири точки на кој ќе работат со Украина за да се запре војната и земјата да може да се брани од можната идна руска агресија.
Обединетото Кралство, Франција и другите нации ќе формираат „коалиција на спремните“ да го бранат потенцијалниот мировен договор во Украина.
Премиерот на Обединетото Кралство, Сер Кир Стармер, повтори дека Европа „мора да го крене тешкиот товар“, но дека за секој договор ќе биде потребна поддршка од САД.
Запрашан што мисли за исходот од самитот, Зеленски рече дека „најдобрите безбедносни гаранции се силна украинска армија“.
Но тој додаде дека на Европа ѝ треба некаков вид американски придонес, можеби во форма на воздушна одбрана и разузнавање, во очигледен знак на договор со сер Кир, вели Би-би-си.
Во интервју за францускиот весник „Фигаро“ на пат кон самитот, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека на маса е едномесечно примирје во однос на напади од воздух, море и врз енергетската инфраструктура.
Во тој период , може да се изнедри мировен договор, додека распоредувањето на европските трупи би се случило во втората фаза.
Зеленски за тоа рече дека е „свесен за сè“.
„Може да ме заменат за НАТО“
Зеленски инсистираше дека односите на Украина со САД ќе продолжат и тој беше „сигурен дека оваа ситуација ќе помине“, во врска со конфликтот со Трамп.
Тој рече дека има комуникација меѓу САД и Украина и по петокот, но „не на мое ниво“.
Украинскиот лидер исто така рече: „Неуспехот на Украина не би значел само успех на Путин, тоа би било неуспех за Европа, тоа би било неуспех за САД“.
По расправијата во Овалната соба, неколку водечки републиканци го поддржаа начинот на кој Трамп го водеше состанокот и го критикуваа Зеленски.
Сенаторот Линдзи Греам – некогаш жесток поддржувач на Украина – им рече на новинарите дека Зеленски „или треба да поднесе оставка и да испрати некого со кого можеме да работиме, или треба да се промени“.
Запрашан за овие повици да се повлече во интерес на односите меѓу САД и Украина, Зеленски рече дека да поднесе оставка е една работа, но за да го спречат повторно да се кандидира ќе биде потребно членство во НАТО.
„Може да ме заменат за НАТО“, им рече Зеленски на новинарите пред да ја напушти Велика Британија.
„Реков дека може да ме заменат за членство во НАТО, тогаш тоа ќе значи дека сум ја исполнил мојата мисија. НАТО ќе значи дека сум ја исполнил мисијата.“
Тој додаде дека „не е многу демократско“ луѓе од другите нации да одлучуваат кој ја води Украина, но рече дека Греам би можел да стане Украинец и потоа „неговиот глас ќе има тежина“ при одлучувањето кој е лидер на Украина.