Зеленски го смени премиерот на Украина. Новата влада ќе ја води жена (ФОТО)
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека ја предложил Јулија Свириденко, поранешната прва вицепремиерка, за нов премиер на Украина, со што и формално започнува нова фаза од реконструкцијата на украинската извршна власт.
„Предложив Јулија Свириденко да го преземе раководството на украинската влада и значително да ја обнови нејзината работа“, изјави Зеленски на социјалната мрежа Икс.
„Наскоро очекувам да биде презентиран новиот акционен план на владата“.
Зеленски рече дека претходно истиот ден имал средба со Свириденко, за време на која разговарале за соработката со САД и Европа, зајакнувањето на украинската економија, забрзувањето на домашното воено производство, како и понатамошната реформа на извршната власт.
Новиот премиерски мандат на Свириденко доаѓа во време кога Украина влезе во клучна фаза од војната и се обидува да ја консолидира внатрешната стабилност и партнерската поддршка од странство.
„Мораме брзо да спроведеме сè што можеме за да ја зајакнеме отпорноста на нашата земја и општество“, истакна претседателот.
Со ова соопштение заврши мандатот на сегашниот премиер, Денис Шмигаљ, кој ја извршуваше оваа функција од 4 март 2020 година. За време на неговиот мандат, Украина се соочи со пандемија, економска криза и руска инвазија, што значително ги промени приоритетите на владата.
Со назначувањето на Свириденко, Зеленски јасно сигнализира желба за подинамична и оперативна влада, со фокус на ефикасност, воена отпорност и меѓународна координација, пренесуваат украинските медиуми.