За 20 дена казнети 1.510 возачи без возачка дозвола – алармантни податоци од МВР
Министерството за внатрешни работи (МВР) во последните 20 дена изрекло 1.510 казни за возење без возачка дозвола, покажуваат податоците од засилените сообраќајни контроли низ државата. Оваа бројка ја отсликува загрижувачката практика на голем број учесници во сообраќајот кои управуваат со возила без потребната документација, што претставува сериозен ризик за безбедноста на патиштата.
Според податоците на МВР, од 1 до 20 февруари, полицијата изрекла вкупно 18.132 платни налози за различни сообраќајни прекршоци. Најголемиот број казни се однесуваат на пречекорување на брзината (6.056), а веднаш по нив следуваат неправилно паркирање (4.213) и управување возило без возачка дозвола (1.510).
Зголемен број прекршоци, но помалку несреќи
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека засилените контроли резултирале со намалување на сообраќајните несреќи за 30%, додека бројот на несреќи со жртви е намален за 60%.
„Ако во 2024 година имало околу 2.000 прекршоци во Скопје за период од 10 дена, годинава таа бројка е двојно зголемена на 4.000. Ова се должи на засиленото присуство на полицијата на терен“, изјави Тошковски на јавната трибина за измените на законите за безбедност во сообраќајот.
Тој најави дека во наредните месец дена ќе се работи на измена на пет законски решенија поврзани со безбедноста на патиштата, со цел создавање функционално системско решение. Очекувањата се дека во април законските измени ќе влезат во владина процедура, а потоа и во собраниска процедура.
Министерот нагласи дека целта не е да се казнуваат граѓаните, туку да се подобри сообраќајната култура и да се намалат прекршоците и несреќите.