За четири дена казнети 2.240 возачи и 175 пешаци – еве кои сѐ прекршоци биле санкционирани!
Изминатите четири дена лишени од слобода седум лица за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик и санкционирани 2.415 сообраќајни прекршоци.
Како што информираат од МВР, во периодот од (17/20.11.2025) како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 2415 издадени платни налози, 435 прекршоци се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле седум лица, од кои шест за возење под дејство на алкохол, а едно лице за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 824 прекршоци за неправилно паркирање, 270 мерки се изречени за возачи кои управувале возило без возачка дозвола, 16 санкции за минување на црвено светло, изречени се 175 мерки за прекршоци што ги прават пешаците, како и 23 санкции за возење под дејство на алкохол.
Санкционирани се и 115 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас, како и 79 мерки за возачи поради користење мобилен телефон при возење. Согласно Законот за возила, 74 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 25 заради техничка неисправност. Изречени се и соодветни мерки за седум возачи на моторни возила поради затемнети стакла односно непрописно вградени фолии.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта, апелираат од МВР.



