МакедонијаНајново

За прв пат во историјата затворска казна за убиство на куче во Македонија 

Љубе Крстевски првостепено е осуден на три месеци затвор за убиство на кучето познато во овој случај како Феликс кое почина на 7 јануари 2025 година од последици на нанесените повреди

Ова е прва пресуда со казна затвор за убиство на куче во Македонија. Вториот обвинет Бранко Билбиловски доби парична казна од сто дневни глоби, со вредност од 10 евра по глоба, во вкупен износ од 1.000 евра.

Според обвинителниот акт, на 19 ноември 2024 година, Крстевски, користејќи тврд предмет налик на стап, го удрил во повеќе наврати Феликс во пределот на главата без оправдана причина, нанесувајќи му потрес на мозокот и хематоми. Заедно со Билбиловски, го врзале кучето со жица и го влечеле до контејнер, каде што го фрлиле, верувајќи дека е мртво.

Делото е квалификувано според член 233 став 1 од Кривичниот законик, кој предвидува парична казна или затвор до три години за оној што ќе усмрти животно без причина или ќе го изложи на непотребни маки и болки.

„Изрекувањето на ефективна казна затвор има значење за заштита на јавниот интерес и ќе превенира слични постапки во иднина. Се работи за дело што предизвика висока јавна чувствителност и морална загриженост особено во контекст на зголемениот број на случаи на суровост кон животните. Со изрекувањето затворска казна се испраќа порака дека ваквите постапки нема да се толерираат и дека секој граѓанин има обврска за хуман однос кон животните“. рече судијката Лидија Петровска при изрекувањето на пресудата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons