За заштита на новинарите ЗНМ и ССНМ бараат посебно одделение во ОЈO
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ заедно со претседателот на Самостојниот синдикат на новинарите и Медиумските работници (ССНМ) Павле Беловски денеска имаа средба со шефот на Скопското јавно обвинителство Гаврил Бубевски.
На состанокот Чадиковски истакна дека од исклучителна важност за унапредување на заедничката соработка и комуникација е формирање на ново одделение во рамки на ОЈО, кое ќе биде задолжено само за постапување по предмети кои се однесуваат на повреда на правата на новинарите и на медиумските работници, на нивната безбедност, како и на експлицитниот говор на омраза кон нив.
Од страна на Беловски беше потенцирано дека и покрај тоа што безбедноста на новинарите и медиумските работници во изминатиот период во државава е подобрена, останува фактот дека перцепцијата за степенот на неказнивост на напаѓачите кон новинарите и медиумските работници останува на високо ниво и ова е потребно да се промени.
Драган Секуловски, директорот на ЗНМ истакна дека ОЈО има обврска да ги следи препораките на Советот на Европа за поголема заштита на новинари, посебно ПрепоракаCM/Rec (2016)41 од Комитетот на министри до земјите членки за заштита на новинарството и безбедност на новинарите и другите медиумски актери. Според оваа препорака, Македонија како земја членка на Совет на Европа има обврска да создаде механизми за заштита на медиумските работници кога нивните права се нарушени а додека се очекува да се изгласаат измените на Кривичниот закон, ова посебно одделение во ОЈО кое ќе работи за заштита на новинарите е добар модел, истакна Секуловски. Покрај ова, Секуловски укажа со цел да се намали степенот на неказнивост потребно е ОЈО да ги истражи старите случаи во кои се бележат закани по животот на новинарите како и да биде проактивно во случаи кога новинарите се предмет на експлицитен говор на омраза и закани на социјалните мрежи.
Шефот на Скопското обвинителство Гаврил Бубевски го истакна своето задоволство дека овие конструктивни предлози од страна на еснафските здруженија се прифатливи и во идниот период како институција ќе се обидат во брзо време да одговорат позитивно на барањата на ЗНМ и ССНМ.
На денешниот состанок исто така се разговараше за унапредување на транспарентноста за работата на обвинителите, назначување на лица од обвинителството кои ќе работат на случаи кои се однесуваат само на предмети каде се вклучени новинари и медиумски работници како и подобрување на меѓусебната соработка за прашања од заеднички интерес и можноста да биде потпишан заеднички меморандум за соработка.