За два дена МВР санкционира 1425 лица, 333 биле казнети за брзо возењe
Министерството за внатрешни работи информираше дека со засилените сообраќајни контроли по патиштата низ земјава во текот на изминатите два дена (28/29.04.) полициските службеници издале вкупно 1425 платни налози за сторени прекшоци по основ на одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила.
„Притоа, во рамки на оваа бројка, а по основ на преовладувачките прекршоци што ги прават учесниците во сообраќајот – неправилно паркирање и пречекорување на брзината на движење, беа регистрирани 415, односно 333 прекршоци. Покрај ова, без возачка дозвола регистирани биле 144 возачи, потоа 71 учесник во сообраќајот биле санкционирани за неносење сигурносен појас, 39 возачи на мотоцикл за неносење на заштитна кацига, а пак 64 за користење на мобилен телефон при возење.
Исто така, според статистичките податоци, во шест случаи возачи минале на црвено светло, во 18 случаи кај возачи било утврдено недозволено количество алкохол во крвта, а санкционирани биле и 15 пешаци. По основ пак на Законот за возила 48 возила биле отстранети од сообраќај и тоа 14 заради техничка неисправност а 34 возила се отстранети од сообраќај затоа што биле нерегистрирани“, се вели во соопштението на МВР.
Од МВР велат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат да се почитуваат сообраќајните правила и прописи.