Затворите полни со граѓани кои немаат пари за КОВИД казните
Додека се чека пратениците да го подготват законот со кој ќе се помилуваат, затворите се полнат со прекршители на мерките против ширење на Ковид-19, а кои не се финансики моќни да ги платат вртоглавите казни од 500 до над 2.000 евра додека повеќето од нив се лица кои живеат со социјална помош.
Во периодот додека важеа овие мерки, вкупно 2.385 граѓани се казнети со по 500 евра, додека 2.124 граѓани се казнети од по 1.000 до 2.000 евра. На овие лица им беше даден рок од 2 години да ги платат казните.
94 лица поради неможност да се најдат парите, денеска спијат во исти затворски ќелии заедно со сторители на тешки кривични дела. Овој број се очекува да се зголеми.
Одделение за спроведување на санкции:
• затвор Идризово – 36 лица
• затвор Шутка – 40 лица
• затвор Прилеп – 3 лица
• затвор Куманово – 8 лица
• затвор Битола – 2 лица
• Затвор Гевгелија – 2 лица
• Затвор Тетово – 3 лица
Оваа мерка претставува товар за и онака пренатрупаните затвори и за затворските буџети. Во меѓувреме,во Собранието се подготвува законот кој треба да ги ослободи овие лица од затвор, но нема да им ги врати парите на оние кои веќе ги платиле казните. Поради оваа причина, самиот министер за правда, Никола Тупанчевски, претходно изјави дека одобрувањето на овој закон треба да се направи што е можно поскоро, бидејќи може да биде доцна.
Пратеникот Арбер Адеми за АЛСАТ вели дека законот сѐ уште не е изготвен.
„Имајќи предвид дека околу 1.000 граѓани, од кои повеќето се социјални случаи, ги заменуваат паричните казни со затворски казни, тоа нè тера да не седиме со скрстени раце. Сакаме да дадеме свој придонес во оваа насока. Затоа, ние сме во фаза на дискусии што понатаму, така што не станува збор за класична амнестија, туку за замена на паричната казна со условна казна за да се избегне затворска казна“, рече Адеми.
Прекршувањето на мерките против Ковид-19 ги чинеше граѓаните многу пари. Според пресметките, од џебот на граѓаните се слеале повеќе од 3,8 милиони евра во буџетот на државата само поради неносење заштитна маска.