Затвореник пуштен дома со електронска алка – казната ќе ја издржува во куќен притвор
Управата за извршување на санкциите започна со примена на системот за електронски надзор, откако беше донесена втора судска одлука со која осудено лице ќе ја издржува казната во куќен притвор со електронска алка.
Станува збор за лице кое веќе издржувало казна затвор во казнено-поправна установа, но со одлука на Основниот суд во Струга, преостанатиот дел од казната во траење од 11 месеци и 28 дена е заменет со куќен затвор со електронски надзор.
На лицето му е поставена електронска алка на глуждот, преку која надлежните служби ќе го следат неговото движење и почитувањето на мерката.
Од Управата за извршување на санкциите информираат дека станува збор за повозрасно осудено лице со сериозни здравствени проблеми, што претставувало предизвик за третман во затворската установа.
Претходно, минатата година, Основниот суд во Велес ја донесе првата пресуда со куќен затвор со електронски надзор, во траење од три месеци, за старо и изнемоштено лице.
Според надлежните, во случај осуденото лице да не ги почитува правилата или да ги прекрши ограничувањата, пробациските службеници веднаш ќе го известат судот, согласно Законот за пробација.
Пробациската канцеларија за подрачјето на Основниот суд Охрид е во постојана координација со институциите, додека Одделението за електронски надзор 24 часа дневно ќе го следи извршувањето на мерката преку специјалната опрема.
Од Управата потенцираат дека ваквиот начин на извршување на казната е значително поекономичен за државата, а во исто време претставува и похуман пристап, особено во случаи кога осуденото лице има сериозни здравствени проблеми.
Оттаму додаваат дека веќе втора година по ред се склучува договор за одржување на опремата за електронски надзор, со очекување судовите во иднина почесто да ја применуваат оваа мерка.



