Застарува и случајот „Змиско око“
По повеќе од 16 години и неколку повторувања на судењето, денеска Обвинителството предложи до судот да донесе одлука за застареност на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување за предметот „Змиско око”. Обвинетите се спасуваат со последните измени на Кривичниот законик.
Известувањето било соопштено на денешното судско рочиште, а обвинетите, инаку своевремено вработени на патарините, најавија барања за отштета по сите ставки.
Предметот се води од 2007 година, а најголем дел од обвинетите беа инкасатори на наплатните рампи, кои се товарат дека проневериле милиони евра.
Уапсените се товареа за злосторничко здружување, кое не издавало фискални сметки за платени патарини, а парите ги ставале во џебот по што повторно организирано си ги делеле.