ЗАРАДИ ТЕШКАТА ЗИМА ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ГОРАТ СЕ И СЕШТО: Апел од пожарникарите да се чистат оџаците
Во услови на енергетска криза кога поради недостиг или висока цена на енергенсите се бараат алтернативни начини за затоплување на домовите, се очекува грејна сезона во која ќе се користи секаков вид огревен материјал што ја зголемува можноста од појава на пожари. Дополнителен предизвик се неисчистените оџаци и несоодветното користење на ложиштата.
Од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје очекуваат зголемување на бројот на интервенции на затворен простор. Во изјава за МИА, командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Звонко Томески апелира да не се импровизира, да се внимава при ракувањето со печките за греење и навреме да се исчистат оџаците.
– Се уште владеат благи временски услови и немаме интензивно греење на домовите, но очекуваме дека ќе има зголемување на бројот на интервенции особено на пожари на ложишта и димоводни канали. Апелираме навреме, додека се уште не е интензивно загревањето на домовите, да се исчистат димоводните канали и да не се оставаат запаливи материи и непотребна количина на огревен материјал околу печката за греење, вели Томески.