Залутан куршум е причина за смртта на двегодишното дете на новогодишната ноќ
Тешко ќе се открие кој е одговорен за смртта на двегодишното дете на новогодишната ноќ, откако со куршум беше погодено во главата. Истрагата се уште трае, но министерот за внатрешни работи вели ова се тешки случаи за детектирање на сторител. Од она што се знае е дека причина за смртта е куршум, кој не бил наменет за детето, туку бил залутан.
Откако родителите на загинатото дете, обвинија за полициска бруталност, односно дека биле тепани и малтретирани од страна на полицијата, денеска министеот Тошковски вели дека од старата Градска болница пријавиле дека е нарушен јавниот ред и мир од страна на семејството на детето. Полициските службеници постапиле според добиената наредба, а внатрешната истрага на МВР ќе утврди дали кај нив има одговорност за бруталност.
Во МВР жител на Шуто Оризари пријавил дека за време на новогодишната ноќ, залутан куршум оштетил делови од неговата куќа.
Колку нелегално оружје има на територија на Македонија, министерот Тошковски немаше информации. Но официјалните информации кои ги добивме од МВР велат дека во моментов во Македонија има 40.000 важечки дозволи за оружје.
Како еден од трагичните симболи за ризиците од недозволено пукање во јавноста останува да се памети и по 20 години случајот со Наташа Кметовска, 19 годишна девојка која загина на новогодишната ноќ во 2005 година, исто така од залутан куршум.



