Загреб со протестна нота до Подгорица, продолжува хрватско-црногорскиот спор околу бродот „Јадран“
Хрватска испрати протестна нота до Црна Гора поради едностраната одлука на министерството за одбрана на Црна Гора за производство на значки со училишниот брод „Јадран“, потврдено е за Телевизија Црна Гора денес од министерството за надворешни работи на Хрватска.
Како што се наведува во одговорот, ваквите потези и пораки не се во духот на добрососедските односи и вредностите на Европската Унија, кои Хрватска е должна да ги почитува.
Во соопштението се наведува дека бродот за обука Јадран, според ставот на Хрватска, претставува дел од воениот имот што ѝ припаѓа на Хрватска. Тие истакнуваат дека со протестна нота најавиле детална анализа на целокупната воена сукцесија, според која Црна Гора ѝ должи на Хрватска повеќе од две милијарди долари.
Хрватското министерство, исто така, соопшти дека Хрватска останува посветена на дијалогот и ќе продолжи да се залага за европскиот пат на Црна Гора, но очекува да се избегнат еднострани и симболични, како што велат, провокативни потези.