Заврши акцијата „Вардар“, приведени десет лица – при претрес пронајдени над 500 илјади евра, над 25 илјади долари!
Заеднички истражен тим од Македонија и Србија по повеќемесечна меѓународна соработка, од утрово спроведуваше координирани активности за разоткривање на криминална група што се занимавала со фалсификување и нудење на пазар на европска валута – евро во различни апоени. Координацијата и спроведувањето на активностите на македонската територија се под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Извршени се 23 наредби за претреси на лица и дом и притоа се обезбедени материјални докази.
При претресите се пронајдени и одземени парични средства во износ од околу 500 000 евра, 25 000 американски долари, 500 швајцарски франци, 1800 израелски шекели, 500 хрватски круни, 10 000 албански леки, 1000 шведски круни и 25 000 рубљи. Воедно се пронајдени топли ваљаци, преси, ЦНЦ машина за изработка на калапи и жигови со кои се изработувале фалсификуваните пари, копии од делови од банкноти, пиштол, куршуми, кесиња со прашкаста бела и кафеава материја, телефонски апарати, сим картички, УСБ, детектор за фалсификувани банкноти, холограми, бројачи на пари, други предмети за фалсификување пари и лаптопи кои ќе бидат предмет на вештачење. Воедно десет лица се лишени од слобода.
Операцијата се надоврзува на претходната операција од август минатата година спроведена од ОЈО Скопје и косовското Специјално обвинителство, кога беа пронајдени и запленети машини за фалсификување на евромонети, готови и полуготови фалсификувани монети, калапи и материјали потребни за изработка на монетите, а во Косово беше уапсен македонски државјанин кој ги произведувал и пуштал во оптек.
Денешната операција во целост е поддржана од ЕВРОПОЛ и од Проектот на ЕВРОПРАВДА за кривична правда на Западен Балкан, кои овозможија оперативна координација, критична разузнавачка анализа и техничка помош за реализација. Истовремено, во денешната акција во РСрбија се извршени претреси на повеќе локации во Нови Пазар, Нови Сад, Сомбор и Суботица и притоа се приведени шест членови од криминалната група, а запленети се 180 000 фалсификувани банкноти – евра.
Со подетални информации јавноста ќе биде информирана во текот на утрешниот ден по донесување на Наредбата за спроведување на истражна постапка.