Забележан раст во просечниот дневен број на вакцинирани лица против КОВИД-19
По посетени вкупно 14 градски и рурални подрачја низ целата држава, во Струга денеска ќе заврши караванот за вакцинација против КОВИД-19. Освен можноста да се прими вакцина против вирусот, медицинските екипи, Црвениот крст и студенти од медицински здруженија презентираа веродостојни информации за вакцинацијата и придобивките од неа, како и за ризиците од одложување на вакцинирањето.
Караванот за промоција на вакцинацијата како безбедна имунизација започна на 21 март во Шуто Оризари, а ќе заврши денеска во Струга, каде од 11 до 15 часот на новото шеталиште граѓаните ќе можат да се имунизираат против коронавирусот.
Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, речиси 41,2 проценти од вкупното население во земјава е вакцинирано со две дози, а со помош на Караванот пријавено е зголемување од над 11 отсто во просечниот дневен број на вакцинирани лица.
Во текот на вчерашниот ден регистрирани се 300 нови случаи на КОВИД-19, од вкупно 2.493 тестови. Оздравени се 197 лица, од кои 129 се од Скопје, а починато е едно лице од Битола на 71-годишна возраст во болнички услови.
Досега во земјата се направени вкупно 1.966.968 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 306.474, бројот на оздравени пациенти е 295.434, на починати е 9.227, а бројот на активни случаи изнесува 1.813.
Од следната недела се очекува Главниот координативен кризен штаб да ги прифати мерките предложени од Комисијата за заразни болести, која препорача да се укине мерката за носење маски за средношколците и повторно да се организираат училишни екскурзии во основните и средните училишта.
Овој предлог на Комисијата доаѓа откако Владата неделава ги усвои мерките за укинување на маските за учениците од основните училишта, настава со физичко присуство на факултетите, но со задолжително носење заштитна маска и максималната исполнетост на капацитетот на отворен и затворен простор од досегашниот до 75 проценти, како и укинување на обврската за задолжително поседување сертификат за вакцинација или прележаност во отворениот дел на угостителските објекти. ки/сп/