Жители на Дебрца ја тужат кинеската компанија Синохидро
Жители на општина Дебрца кај Охрид, ја тужат кинеската компанија Синохидро, и бараат обештетување во висина од 250.000 денари, затоа што мостот што го изградиле меѓу селата Мешеишта и Ботун за нивни потреби, ја попречил реката Сатеска во нејзиниот тек. Ова довело до создавање на вештачко езеро, кое поплавило и уништило повеќе ниви со насади во селото Ботун.
„Штетите се предизвикани поради изливање на реката, која носи насипи и поради тоа треба луѓето да се изложат на трошоци за рамнење на земјиштето, се намалува плодноста, се уништуваат посевите.Не може да посадат нови посеви. Доколку имале насади од дрва, како ореви, лешници, истите се сушат, доаѓа до гушење на истите и поради тоа трпат високи штети“, вели Стојан Вељановски-адвокат.
Вељановски вели дека имале обид за спогодување но договор не се псотигнал.
„Имавме контакт со нив.Имаше обид за спогодување, но истите не го прифатија и поради тоа бевме принудени да поведеме спор“, рече Вељановски.
Во меѓувреме и понатаму многу граѓани водат судски спор во однос на висината на исплатата која ја добија за експропријација на нивното земјиште за изградба на патот.
„Гледам дека при следните експропријации кои се вршат, коригирана е цената и таа е повисока.Но на почетокот цените беа далеку од пазарните и речиси сите граѓани поведоа судски процедури“, изјави Зоран Ногачески-градоначалник на Дебрца.
Автопатот Кичево – Охрид требаше да биде завршен до крјаот на оваа година, но ќе се пробие и овој рок. Властите најавија анализа на договорот и можност за негово раскинување.