ЕХФ го исфрли АЕК од Европа за скандалот во Скопје, Алкалоид доби парична казна
Европската ракометна федерација денеска ги одреди казните за Алкалоид и АЕК, македонскиот клуб доби само парична казна, додека клубот од Грција е исфрлен од Европа на две години, од кои втората е условна.
АЕК предизвика голем скандал откако одби да истрча на паркетот во Скопје на реванш натпреварот во финалето на Европскиот куп.
Клубот од Грција доби жестока казна, ќе биде исфрлен од Европа на две години, од кои втората е условна.
ЕХФ образложи дека е донесена ваква одлука бидејќи АЕК го прекршил основното правило, да не игра закажен натпревар и со тоа покажал неспортско однесување кон противничкиот тим, но предизвикал и сериозни последици во вид на пенали кон Европската ракометна федерација.
АЕК исто така ќе треба да плати парична глоба од 20.000 евра.
ЕХФ одреди казна и за Алкалоид, кој ќе треба да плати глоба од 5.000 евра поради тоа што не обезбедил доволен број на билети за гостинските навивачи, соодветно на капацитетот на салата каде требаше да се одигра натпреварот.
Двата клуба имаат период од седум дена да поднесат жалба.