Свет

ЕУ ги одложи царините за Америка, се надеваат на договор со Трамп 

Европската Унија одлучи да го одложи воведувањето на подготвените реципрочни царини за Соединетите Американски Држави, кои требаше да стапат во сила во понеделник, и покрај најавата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп дека ќе воведе царини од 30 отсто за стоки од ЕУ.

Наместо тоа, Брисел дава шанса за дополнителни преговори – новиот рок за постигнување договор е почетокот на август.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, соопшти дека ЕУ ќе го продолжи суспендирањето на своите мерки, со надеж дека сè уште може да се најде решение преку дијалог со Вашингтон.

„Соединетите Американски Држави ни испратија писмо со мерки кои ќе стапат на сила доколку не се постигне решение преку преговори – рече фон дер Лаен. – Затоа и ние ќе продолжиме со суспензија на нашите контрамерки до почетокот на август“, пренесува Тагесшау.

Но, таа јасно порача дека Европската Унија нема да остане пасивна. Европската комисија, како што најави, ќе подготви дополнителни контрамерки во наредните недели за да биде подготвена да одговори во случај на неуспех на преговорите.

На почетокот на следната недела требаше да стапи во сила царинскиот пакет вреден 21 милијарда евра, како одговор на веќе воведените американски давачки за голем број производи од ЕУ. Сепак, според информациите на агенцијата Ројтерс, германската влада и уште неколку земји-членки се залагале за привремено откажување од таа мерка, за преговорите со Американците дополнително да не се комплицираат.

Германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл изјави за Зидојче цајтунг дека на ЕУ сè уште ѝ се потребни сериозни и целни преговори со САД.

„Сè уште им подаваме рака, но нема да се согласиме на сè“, рече вицепремиерот и лидер на СПД. Доколку не е можен договор, тој рече дека ЕУ мора решително да реагира за да ги заштити работните места и економијата во Европа.

Клингбајл ја критикуваше одлуката на Трамп и предупреди дека „царините на Трамп носат само губитници – тие подеднакво влијаат и на американската и на европската економија“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons