Еруптираше вулкан на Хаваи, еден од најактивните во светот
Вулканот Килауеа на Хаваи, еден од најактивните вулкани во светот, повторно еруптираше денес, соопшти Хавајската вулканска опсерваторија.
Дванаесеттата епизода на ерупцијата, која трае од декември, почнала во 7:30 часот по локално време со мали, повремени излевања на лава од јужниот и северниот кратер, соопшти опсерваторијата.
До 14 часот по локално време ерупцијата се засилила, создавајќи непрекинати фонтани лава кои достигнувале висина од 45 до 60 метри. Населени места не се загрозени од ерупцијата.
Килауеа, најмладиот и најактивен вулкан на Хавајските острови, еруптира речиси непрекинато од 1983 година и се смета за еден од најдинамичните и најследени вулкани во светот.