Енис Барди кариерата ќе ја продолжи во Турција
Капитенот на македонската репрезентација по се изгледа кариерата ќе ја продолжи во Турција, зашто многу е близу до трансфер во суперлигашот Ризеспор. Барди го напушта Бодрум како слободен играч, а во новиот колектив би бил највредниот поединец
Капитенот на македонската репрезентација Енис Барди (29), според пишувањата на турските медиуми, ќе премине од Бодрум во Ризеспор каде ќе настапува од идната сезона. Преминот на Барди во овој турски клуб се уште не е официјален, но според медиумите е готова работа. Барди минува во овој клуб затоа што Бодрум испадна од турската Суперлига.
Ризеспор минатата сезона ја заврши на деветтото место на табелата, некаде во средината. Навивачите на овој клуб веруваат дека доколку во тимот се доведе искусен играч како Барди, тие ќе влезат во новата сезона од Суперлигата со посилен состав. Се очекува трансферот да биде финализиран во наредните денови. Тоа што Енис би преминал како слободен играч, без потреба од плаќање за трасферот, го прави подостапен.
Според вредностите дадени од „Трансфермаркт“ Барди, ако потпише, ќе биде највредниот играч во тимот на Ризеспор. „Трансфермаркт“ цената на Барди ја одредува на три милиони евра. Највредните играчи моментно во Ризеспор се Дал Варешановиќ (БиХ) кој вреди 2,40 милиони евра и Нигериецот Ибрахим Олавојин кој е проценет на 2,20 милиони евра. Обајцата се играчи од средниот ред. Тренер е турскиот стручњак Итхан Палут (48).
Ова би бил трет клуб од турската Суперлига во кој ќе игра Барди ако се остварат предвидувањата. Тој пристигна во Трабзонспор од шпанскиот клуб Леванте во август 2022 година. Во Тарбзон Енис остана до јануари 2025 година. Нашиот офанзивен играч од средниот ред оттаму премина во Бодрум минатата полусезона.
Искусниот играч во Трабзонспор, придонесе со 14 гола и седум асистенции на 97 натпревари, а постигна два гола и имаше три асистенции на 18 натпревари со Бодрум. Тој играл за репрезентацијата на Македонија 73 пати и постигна 18 гола.