Експлодираше цената на кафето – соборен рекорд по речиси пет децении
Кафето достигна највисока цена во историјата на светскиот пазар на суровини. Цената на зрно Арабика надмина 3,44 долари за фунта (0,45 килограми), што претставува скок за повеќе од 80 отсто оваа година. Соборен е последниот рекорд по цена на кафе, поставен во 1977 година.
Љубителите на кафе наскоро би можеле да се соочат со поскапување на нивниот омилен пијалок, бидејќи кафето ја достигна највисоката цена во последните 47 години на меѓународниот пазар на суровини.
На скокот на цените на кафето, имено, влијаеше сушата во Бразил, која многу брзо може да доведе до намалување на понудата, објави Блумберг.
Пониски приноси на поевтината сорта на кафе беа забележани и во Виетнам, каде што жетвата беше погодена и од лошите временски услови.
Покрај поскапувањето на зрното Арабика, максимумот во септември го достигна и цената на зрното Робуста.
Главниот извршен директор на Нестле во ноември изјави дека индустријата за кафе се соочува со „тешки времиња“, признавајќи дека неговата компанија ќе мора да ги прилагоди цените и големината на пакувањето.
„Ние не сме имуни на цената на кафето, далеку од тоа“, вели Дејвид Рени, шеф на брендовите за кафе на Нестле.
Бразил ја доживеа најголемата суша во последните 70 години во август и септември, проследена со обилни дождови во октомври, што ги зголеми стравувањата дека цветните култури на кафе може да пропаднат. Залихите на Робуста, исто така, ќе се намалат бидејќи насадите во Виетнам, најголемиот производител на сортата, ќе се соочат со суша и обилни врнежи.