Експерти од Италија и Словенија ќе испитуваат што се случувало на приватните кардиохирургии
Експерти од Италија и Словенија ќе испитуваат дали се точни наводите дека на приватните клиники се вршеле кардиолошки интервенции без потреба за да се извлечат пари од пациенти. Од здравство за Сител велат засега се договорени лекари од овие две земји, но не ја исклучуваат можноста да бидат ангажирани и експерти од Германија и Австрија.
„ Потврдени се лекари од Италија и Словенија. Во преговори сме но се уште не сме донеле одлука дали ќе вклучиме експерти и од Германија и Австрија. Ова ќе биде предмет на дискусија и на владина седница, треба да видиме како ќе се одвива процесот. Треба да добиеме насоки и од ДКСК бидејќи се наоѓаме во предизборие за да видиме на кој начин ќе ги потпишеме договорите со експертите. “
Од министерството најавија дека ова ќе се најде на дневен ред уште на наредната владина седница во вторник. За утре се закажани повеќе состаноци во министерството. Алиу ќе разговара со проф.д-р Сашко Кедев, со директорите на државни клиники за кардиохирургија и кардиологија а повикани се и менаџерите на приватните клиники.
Вонредните надзори следат откако доктор Сашко Кедев јавно изрази сомнеж дека во некои приватни болници се правеле операции на срце, ризикувајќи животи на пациенти со единствена цел- профит. Кедев во радио интервју изјави дека се сечел граден кош на пациенти без потреба а за тоа имало докази и лесно се утврдувало. Тој посочи дека одредени приватни медицински центри би требало веднаш да се затворат. По ова министерот формираше интерна комисија за ревизија на клиниките и најави најави законски измени и нови медицински протоколи.
Во меѓувреме, директорот на Фондот за здравствено осигурување ги повика граѓаните кои сметаат дека биле оштетени при кардиолошки или други медицински интервенции, да поднесат официјални жалби. Клековски рече дека Фондот нема склучено договори за стентирање со приватните клиники бидејќи јавните установи во Скопје, Тетово, Битола, Штип и Охрид имаат доволно капацитети за овие интервенции.